Ekipa
24 Септември 2021•Ажурирај: 26 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија денеска ја обвини Русија дека го нападнала Блокот со кибернапади и се закани дека ќе преземе дополнителни мерки против Москва, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено во име на членките на ЕУ, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги осуди кибернападите на авторите од сенка против разни европски политички актери.
Тој истакна дека овие малициозни киберактивности се поврзани со руската држава и ги нарече неприфатливи, бидејќи се насочени кон европската безбедност и се обид да ги поткопаат нејзините демократски институции и процеси, вклучително и со овозможување дезинформации и манипулација со информации.
„Ја повикуваме Руската Федерација да се придржува до нормите за одговорно државно однесување во киберпросторот“, истакна тој.
Борел ја повика Русија веднаш да ги прекине нападите, подразбирајќи дека Блокот размислува за понатамошни чекори против Москва.
Претходно овој месец, германското Министерство за надворешни работи ја обвини руската воена тајна служба за започнување киберкампања против германските пратеници и владини претставници, а германското Федерално обвинителство започна официјална истрага.
В недела во Германија се одржуваат федерални парламентарни избори.