Ata Ufuk Şeker
24 Септември 2021•Ажурирај: 26 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Барањата за азил во земјите на Европската Унија (ЕУ) се зголемија за 115 проценти во вториот квартал од годината, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот завод за статистика (Еуростат) ги соопшти податоците за барања за азил поднесени до земјите на ЕУ во вториот квартал од 2021 година.
Бројот на барања за азил во земјите на ЕУ, во вториот квартал од 2020 година изнесуваше 48.370. Оваа бројка се зголеми за 115 проценти во истиот период оваа година и достигна 103.895.
Барањата за азил во вториот квартал е зголемен за 9 проценти во споредба со претходниот квартал. Во првиот квартал поднесени се 95.265 барања за азил во земјите на ЕУ.
Вкупно 199.160 барања за азил се поднесени во земјите на ЕУ во периодот јануари - јуни 2021 година.
Во вториот квартал од оваа година, Сиријците го зазедоа првото место меѓу оние кои поднеле барање за азил во земјите на ЕУ.
Вкупно 20.640 Сиријци поднеле барање за азил во различни земји на ЕУ, барајќи меѓународна заштита. Следуваат Авганистанците со 13.860 барања и Пакистанците со 4.430 барања.
Најголем број барања за азил во ЕУ во вториот квартал од 2021 година се поднесени во Германија. Во овој период, 29.545 лица побарале азил во Германија, 22.015 лица во Франција и 12.335 лица во Шпанија.
Покрај тоа, во вториот квартал, 4.240 малолетници поднеле барање за азил во земјите на ЕУ.