Rania R.a. Abushamala
25 Октомври 2023•Ажурирај: 26 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Најмалку десет Палестинци загинаа кога израелски воен авион бомбардираше пекарница во бегалскиот камп Магази во централниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Израелскиот окупациски авион синоќа ја бомбардираше пекарницата 'Магази', единствена што беше снабдена со брашно од УНРВА (Агенција на ОН за палестински бегалци) само неколку часа претходно“, изјави денес Салама Мааруф, шеф на владината Канцеларија за медиуми.
Тој додаде дека пекарницата порано снабдувала со леб десетици илјади раселени луѓе.
„Проектилите целосно ја уништија пекарницата и оставија голем кратер, покрај тоа што оштетија неколку околни куќи, што резултираше со смрт на десет Палестинци и ранување на други“, рече тој.
Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, ставајќи ја целата енклава под блокада, поради што 2,3 милиони жители имаат малку вода, гориво и медицински материјали.
Израелската војска продолжи со своите интензивни воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели квартови.
Во израелските напади на Газа убиени се 5.791 Палестинец, од кои 2.360 се деца, 1.292 жени и 295 стари лица.