Ekipa
06 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахијан, денеска ги отфрли американските тврдења дека Техеран поставил нови „екстравагантни барања“ во текот на индиректните преговори во Доха, Катар, за оживување на Договорот за нуклеарната програма од 2015 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на прес-конференцијата со катарскиот колега Мухамед бин Абдулрахман ал Тани во Техеран, Амир-Абдолахијан изјави дека иранските барања се во согласност со Договорот за нуклеарната програма од 2015 година, нагласувајќи дека Техеран е спремен за „добар, силен и стабилен договор“.
Абдолахијан ја искоментира изјавата на американскиот специјален пратеник за Иран, Роберт Малеј, кој рече дека Техеран додал „нови барања“ во текот на преговорите во Доха, не откривајќи повеќе детали.
Индиректните преговори помеѓу Иран и Соединетите Американски Држави, со посредување на Европската Унија (ЕУ), одржани се минатата недела во главниот град на Катар, по посетата на Техеран од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Џозеп Борел.
Борел тогаш рече дека неговото доаѓање во Техеран имало важна цел, да се прекине застојот во преговорите за нуклеарната програма во Виена, да ги намали тензиите и да креира нов поттик и можности за враќање на запрените преговори на вистинскиот пат.
Во мај, катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани исто така го посети Техеран и одржа опсежни разговори со иранскиот претседател Ибрахим Раиси, по повод посредничките напори на Катар да се прекине застојот во преговорите за Договорот за нуклеарната програма во Виена и да се одмрзнат средствата во странство.
Иранскиот Договор за нуклеарната програма, официјално наречен „Заеднички сеопфатен план за акција“ (JCPOA), во 2015 година го потпишаа Иран, Соединетите Американски Држави, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и Европската Унија.
Според договорот, Техеран се обврза да ја ограничи својата нуклеарна активност на цивилни цели, а светските сили се согласија да се откажат од економските санкции кон Иран.
САД, под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп, еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година и воведоа санкции на Иран, што го наведе Техеран да престане да се придржува до договорот.