Mahmoud Mohamed Barakat
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
ТЕХРАН
Иранската револуционерна гарда денеска ја претстави новата стратешка ракета како дел од одбележувањето по повод 43-годишнината од револуцијата во 1979 година, известува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата на која присуствуваа високи воени претставници, меѓу кои и началникот на Генералштабот на Иранските вооружени сили, генералот Мухамед Бакери, ракетата „Хајбер Шикан“ со дострел од 1.450 километри за првпат беше изложена од Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Ракетата, според воените претставници, се одликува со посебни карактеристики, за разлика од другите ракети со висока прецизност што иранската војска и Корпусот на Исламската револуционерна гарда ги имаат развиено во последниве години.
Според експертите, ракетата „Хајбер Шикан“ може да се пофали со голема брзина и точност при погодување цели во опсег од 1.450 километри.
Таа исто така има релативно мала тежина (една третина од другите ракети), побрзо време на подготовка (една шестина од другите ракети) и поголема брзина за пробивање на одбранбените штитови.
Ракетата од третата генерација во арсеналот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, „Хајбер Шикан“, има „цврсто гориво“ и може да се пофали со „висока способност за маневрирање“ за да помине низ ракетниот штит, според генералот Амир Али Хаџизаде, кој ја предводи воздухопловната дивизија на Исламската револуционерна гарда.
Претставувањето на новата ракета се случува еден ден откако Иран и другите потписнички на Договорот за нуклеарна програма од 2015 година повторно се собраа во Виена за да го продолжат 8. круг разговори чија цел е спасување на договорот.
Додека Иран бара укинување на санкциите во разговорите што започнаа минатиот април, ја претстави својата ракетна програма за „нешто за што не се преговара“, и покрај постојаните повици од западните страни да се вклучи во мултилатералните разговори.
Претставувањето на ракетата „Хајбер Шикан“, според регионалните набљудувачи, најверојатно ќе ги зголеми тензиите меѓу Иран и Израел и ќе предизвика реакција и од страна на американските официјални претставници.
Исламската револуционерна гарда во последните години постигна напредок во развојот на високопрецизни балистички ракети, крстосувачки ракети, како и серија дронови.
Во декември минатата година, на воена вежба, чија цел беше макетен модел на израелската нуклеарна постројка „Димона“, беа претставени над десет балистички ракети и дронови.