Erdoğan Çağatay Zontur
08 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Иранската револуционерна гарда ја ракетираше воздухопловната база Аин ал Асад во Ирак, објект со кој заеднички управуваат американските и ирачките сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во операцијата „Маченик Сулејмани“ во раните утрински часови во средата, десетици проектили беа истрелани врз американската база и успешно ја погодија базата Аин ал Асад“, се вели во официјалното соопштение на Иранската револуционерна гарда.
Иранската револуционерна гада истакна дека бомбардирањето на американските бази е почеток на серија напади на одмазда.
Засега нема информации за жртви.
- Пентагон: Иран ги нападна американските бази во Ирак
Американските воени бази во Ирак се нападнати со повеќе од 12 балистички проектили и моментално се работи на првите проценки на штетата, соопшти Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави.
Гласноговорникот на Пентагон, Џонатан Хофман, потврди дека целта на нападите беа базите Ајн ал-Асад и базата во Ербил.
„Иран на 7 декември изведе напад со повеќе од 12 ракети на американските бази и коалициските сили во Ирак. Нападот е изведен околу 5.30 часот навечер според американско време. Јасно е дека целта на нападот се базите ал Асад и Ербил. Работиме на првите проценки на штетата", рече Хофман.
Тој потсети дека претходно се преземени мерки на внимание во случај на ирански удари.
Гласноговорничката на Белата куќа Стефани Гришам соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ја следи ситуацијата во врска со нападите.
На 3 јануари, во близина на аеродромот во Багдад убиени се Касим Сулејмани, челникот на елитните сили „Кудс“ на Исламската револуционерна гарда, и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација.
Иранскиот лидер, ајатолахот Хаменеи, во својата прва изјава по инцидентот рече дека ќе им се одмаздат на Соединетите Американски Држави (САД).