Mustafa Melih Ahıshalı
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
КАБУЛ
Турската хуманитарна организација ИХХ испорача 100 тони семиња од пченица и други материјали за помош на официјалните претставници на Министерството за земјоделство на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот конзул на Турција во авганистанскиот град Мазар и Шариф, Семих Лутфу Тургут, говорејќи на церемонијата одржана во просториите на Министерството, за испораката на семињата донесени од Турција изјави дека неговата земја им помага на луѓето на кои им е потребна помош низ светот со нејзините државни и невладини организации.
Тој се заблагодари на турската хуманитарна организација (ИХХ) и официјалните претставници на Талибанската администрација кои придонеле за тоа помошта да пристигне во Кабул.
„Турција секогаш им помагаше на оние на кои им е потребна помош заедно со својата држава и народ. Со своите средства за помош достигна до сите делови на светот“, изјави тој.
Тој истакна дека помошта обезбедена од турските хуманитарни организации помогнала во подобрувањето на односите меѓу двете земји и „разбивање на предрасудите“.
Заменик-претседателот на ИХХ, Хусеин Оруч, кој исто така говореше на церемонијата, изјави дека сиве овие снабдувања со помош се знак дека тие не го напуштиле авганистанскиот народ.
„Нашата хуманитарна организација 30 години дејствува во кризните подрачја низ светот. Најважната работа која ја научивме во овие 30 години е дека покажуваме повеќе братство отколку добротворност. Наместо само да помогнеме, ние велиме дека сме со вас и дека сме браќа. ИХХ е фондација основана со цел да покаже дека ние сме делови од едно тело“, нагласи тој.
Тој нагласи дека во „новиот период“ во Авганистан, хуманитарната организација овозможила првите камиони со помош од Турција да стигнат во земјата.
Покажавме дека е возможно да се стигне во Авганистан. Сѐ додека е ова возможно, ја повикувам цела Турција, исламската географија и целиот Запад ’Можете да дојдете и вие. Треба да дојдете. Денес е денот кога треба да дојдеме‘“, додаде тој.
„Не го напуштивме народот на Авганистан и се надевам дека нема да го напуштиме“, изјави тој.
Заменик-министерот за земјоделство на Талибанската администрација, Абдурахман Рашид, на церемонијата ги повика сите муслимански земји да помогнат на авганистанскиот народ, велејќи дека корупцијата и проблемите со безбедноста завршиле со преземањето на контролата врз земјата од страна на талибанците и додаде дека на авганистанскиот народ му е потребна меѓународна помош.
„Западните земја треба да ги ослободат парите кои ги блокираа на сметките во меѓународните банки, а кои припаѓаат на Авганистан. Овие пари денес припаѓаат на авганистанскиот народ во неволја“, изјави тој.
Тој, исто така, нагласи дека претстојната помош, на транспарентен начин ќе им биде доставена на оние на кои им е потребна.