Bahattin Gönültaş
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Катарскиот министер за финансии, Али Шериф ал Емади, најави дека оваа заливска земја ќе инвестира повеќе милијарди евра во Германија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Минатиот месец Катар најави инвестирање на 15 милијарди долари во Република Турција, а сега најавува големи инвестиции и во Германија.
Ал Емади за весникот „Handelsblatt“ истакна дека деталите за мега-инвестициите во Германија ќе ги објави катарскиот шеик Темим бин Хамад ал Тани в петок, при официјалната посета на Берлин.
Истакнувајќи дека Катар ја смета Германија за многу важен актер во глобалната економија, Ал Емади рече дека германскиот пазар има оптимистична иднина.
Како земја богата со природен гас, Катар во изминатите три децении инвестираше над 20 милијарди евра во компании во Германија, вклучувајќи ги „Фолксваген“ (Volkswagen), „Дојче банк“ (Deutsche Bank), „Сименс“ (Siemens), „Хотчиф“ (Hochtief) и „Соларворлд“ (SolarWorld).
Катар се подготвува за организирање на Светското фудбалско првенство 2022 година, а бројни инфраструктурни проекти реализираат и меѓународни фирми од Германија, во прв ред „Сименс“ и „Дојче банк“.
Германија застана покрај Катар и во заливската криза која започна во јуни минатата година кога Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и Египет ги прекинаа односите и ги блокираа копнените и воздушните граници на Катар.