Катар ја исклучи можноста за излез од Заливскиот совет за соработка
„Катар ќе остане посветен на безбедноста на Заливот, и покрај фактот што земјите што нè блокираа го доведоа Заливскиот совет за соработка (GCC) во ризична ситуација, со кршењето на основните принципи", рече шефот на дипломатијата на КатарMahmoud Barakat
29 Септември 2017•Ажурирај: 30 Септември 2017
DohaДОХА (АА) - Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, министер за надворешни работи на Катар, вчера ја отфрли секоја можност неговата земја да се повлече од Заливскиот совет за соработка (GCC), и ја потврди посветеноста на Катар кон безбедноста во Заливот, пренесува Anadolu Agency (АА).
Во изјавата за катарските медиуми, тој, исто така, истакна дека неговата земја нема да го екстрадира Јусуф ал Карадави, директор на Меѓународната унија на исламските научници од Доха, кого го бараат египетските власти.
„Тој не е терорист, туку политички дисидент со свое мислење. Имаме неколкумина такви поединци од многу земји, не само од Египет. Не им дозволуваме во Катар да извршуваат каква било политичка активност или да ја користат нашата земја како платформа за навреди или напади на своите земји“, рече Ал Тани.
Тој, исто така, истакна дека Катар не ги повлече своите инвестиции во Египет, во вредност од околу 20 милијарди долари (околу 17 милијарди евра), бидејќи „тие инвестиции им помагаат на египетските граѓани и придонесуваат за создавање на работни места и за економски раст“.
„Катар верува дека Египет, доколку е силен, ќе има позитивно влијание врз арапскиот свет“, рече Ал Тани.
Катарскиот министер за надворешни работи оцени дека Заливскиот совет за соработка е важен извор на стабилност во регионот.
„Катар ќе остане посветен на безбедноста на Заливот, и покрај фактот што земјите што нè блокираа, Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, го доведоа Заливскиот совет за соработка во опасност со кршењето на основните принципи“, јасно посочи Ал Тани.
Тој ги повика земјите-членки на Заливскиот совет за соработка да го почитуваат суверенитетот на членовите на Советот. Тој, исто така, ја потврди подготвеноста на неговата земја да го одржи дијалогот, без предуслови, за да се разговара за барањата на земјите коишто се против Катар.
„Но, пред дијалогот, блокадата на Катар мора да се прекине“, рече Ал Тани.
Во јуни оваа година, Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин ненадејно ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја земјата за поддршка на тероризмот во регионот и за соработка со Иран. Официјална Доха остро ги негираше обвинувањата за поддршка на тероризмот и потегот на четирите земји го окарактеризира како прекршување на меѓународното право.