Derya Gülnaz Özcan,Tevfik Durul
14 Октомври 2021•Ажурирај: 15 Октомври 2021
АТИНА (АА) - На двајца турско-германски научници им беше врачена грчката награда „Царицата Теофано“ за спасување милиони животи со развојот на првата вакцина против коронавирусот, според Фондацијата „Царицата Теофано“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За мене е огромно задоволство да ја врачам наградата „Царицата Теофано“ на двајца прекрасни научници, Угур Шахин и Озлем Туреџи, кои заедно гo пронајдоа својот пат во животот и науката“, изјави грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, која ја додели наградата што ја добиваат поединци или организации за нивниот придонес во разбирањето и зајакнувањето на поимот „модерен европски идентитет“.
Истакнувајќи дека Шахин и Туреџи пораснале на раскрсницата на медитеранските и централноевропските култури, Сакеларопулу ја истакна важноста на улогата што ја игра парот во пронаоѓањето на вакцината, која го штити човештвото од Ковид-19, една од најголемите закани на 21 век.
„Денес ние оддаваме почит на значајни луѓе со нивните тимови научници за нивниот важен придонес во човештвото. Ја наградуваме нивната верба, посветеност, истрајност и сила“, додаде таа.
Туреџи и Шахин, коосновачи на „БајоНТех“, германската фирма која разви вакцина против Ковид-19 заедно со американската фармацевтска компанија „Фајзер“, ја посетија куќата на Ататурк во грчкиот град Солун претходно истиот ден.
„Како научници со турско потекло, за нас е чест да го посетиме местото каде што е роден [таткото на Турција, Мустафа Кемал] Ататурк. Ататурк, како еден од пионерските лидери на модерна Европа, ги разбра основните вредности што слободната мисла и наука ја имаат за човештвото. Се согласуваме со неговите мудри зборови ’Науката е единствениот вистински водич во животот‘“, напиша парот во книгата за гости.
Шахин и Туреџи се сопружници кои го изненадија светот кога објавија дека вакцината што ја развиле заедно со „Фајзер“ е повеќе од 90 отсто ефикасна во заштитата од Ковид-19.
Нивната вакцина беше објавена прва, побрзо отколку што многумина предвидуваа и се потпира на најсовремената мРНА-технологија за која се залагаа Шахин и Туреџи.