Burç Eruygur
23 Јануари 2023•Ажурирај: 25 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека претпристапните преговори со ЕУ треба да започнат оваа година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Убедени сме дека претпристапните преговори треба да започнат што е можно поскоро откако Украина ќе ги спроведе препораките и позитивната оценка на Европската комисија“, рече Кулеба во онлајн говорот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
„Украина вложува максимални напори и убеден сум дека треба да ги започнеме претпристапните преговори до крајот на 2023 година“, нагласи тој.
Киев официјално аплицираше за членство во ЕУ на 28 февруари 2022 година, четири дена по почетокот на руската „специјална воена операција“ против земјата.
Кулеба рече дека Украина ја финализира имплементацијата на препораките на Европската комисија, што беа поставени откако Киев официјално го доби статусот на кандидат за членка на ЕУ минатиот јуни, и дека смета на позитивен извештај од Европската комисија оваа пролет.
Тој додаде дека Украина, исто така, очекува да вклучи „позитивна оценка за нејзините напори за спроведување на препораките“ во последната декларација на Самитот Украина - ЕУ што треба да се одржи на 3 февруари.
Кулеба истакна дека Киев има големи очекувања од Самитот Украина - ЕУ и заедничкиот состанок на украинската Влада и Колеџот на ЕУ во пресрет на самитот, велејќи дека тој смета на „опипливи практични резултати од двата настани“.
Европската комисија го објави своето мислење за поднесувањето барање за членство на Украина во ЕУ на 17 јуни минатата година, по што Европскиот совет му додели на Киев кандидатски статус.
Во декември минатата година, украинскиот Парламент усвои неколку нацрт-закони препорачани од Европската комисија за да го продолжи процесот на пристапување на земјата во ЕУ.