Havva Kara Aydın
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Либиската Влада на национално единство, признаена од Обединетите нации (ОН), ја критикуваше изненадната посета на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, на Бенгази, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Посетата ги крши одлуките на меѓународните институции кои ја сметаат Владата на национално единство како единствена легитимна влада во земјата“, истакна либискиот министер за надворешни работи, Мухамед Тахер Сиала, во изјавата објавена на официјалниот профил на Министерството на социјалните мрежи.
За време на неговата вчерашна посета, Дендијас се состанал со командантот на силите со седиште во источна Либија, Калифа Хафтар, како и со т.н. претставници на администрацијата, Абдула ес-Сини и Абдулхади ал-Хавиџ.
Според јавувањата на медиумите во регионот, за време на посетата Дендијас го критикувал договорот меѓу Турција и либиската Влада на национално единство.
На 27 ноември Анкара и Триполи потпишаа два различни меморандума - еден за воена соработка и друг за поморските граници на државите во Источниот Медитеран.
Договорот за поморските граници ги гарантира правата на Турција во Источниот Медитеран, во услови на едностраното дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци, појаснувајќи дека Турската Република Северен Кипар, исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје. На сила стапи на 8 декември.
На 4 април, Хафтар, кој командува со силите со база во источна Либија, започна офанзива за заземање на главниот либиски град, Триполи, од силите на Владата на национално единство.
Според податоците на ОН, од почетокот на операцијата загинаа над илјада лица, а над 5.000 се повредени.
По соборувањето и смртта на долгогодишниот лидер на Либија, Муамер Гадафи, во 2011 година, се појавија две седишта на моќ во Либија, едно во источна Либија поддржано најмногу од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и друго во Триполи, кое ја има поддршката на ОН и е меѓународно признато.