Ekipa
07 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АТИНА (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес изјави дека Турција и понатаму е партнер од витално значење за ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пресрет на дводневната официјална посета на Атина, францускиот претседател во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ ја коментираше економската криза во Грција и изрази оптимизам кога станува збор на иднината на таа земја и за решавањето на проблемот со невработеноста.
„Има сѐ повеќе позитивни знаци за подобрување на грчката економија, се враќа и економскиот раст, растот и инвестициите, а тоа води кон намалување на стапката на невработеноста“, изјави Макрон.
Францускиот претседател Макрон се осврна и на актуелните тензии во односите меѓу Турција и ЕУ, особено со Германија, и нагласи дека е многу важно да не дојде до раздор меѓу Брисел и Анкара.
Германската канцеларка Ангела Меркел на почетокот од неделата најави дека од другите членки на ЕУ ќе побара да го ревидираат прашањето за процесот за пристап на Турција во ЕУ, и оти тоа ќе го направат најверојатно на октомвриското заседание на Европскиот совет.
Макрон изјави дека сака да го спречи раздорот меѓу Брисел и Анкара бидејќи партнерството со Турција е драгоцено поради многуте кризи со кои се соочува Европа, во прв ред мигрантската криза и тероризмот.
Како пример за важноста на партнерството на ЕУ со Турција, Макрон го наведе договорот за решавање на мигрантската криза, кој покажа добри резултати во спречувањето на бранот мигранти и го намали притисокот на Грција.