Ayhan Şimşek
19 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Военото засилување на Русија во близина на границата со Украина продолжува и ризикот од конфликт е реален, предупреди денес генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
„И покрај тврдењата на Москва, досега не видовме знаци на повлекување или деескалација“, рече Столтенберг во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција.
Тој ја повика Русија „да го прави она што го кажува“ и да ги повлече своите сили од границите на Украина, како што рече минатата недела.
„Не е доцна за Русија да го смени курсот. Да се повлече од работ. Престанете да се подготвувате за војна и почнете да работите за мирно решение“, додаде тој.
Столтенберг повтори дека НАТО-сојузниците се подготвени да се вклучат во суштински дијалог со Москва и да преземат значајни реципрочни чекори кои можат да ја подобрат безбедноста за сите земји во Европа.
Тој изрази загриженост поради ескалацијата на тензиите во источна Украина во последните неколку дена, поради зголемениот број прекршувања на примирјето, повеќето инциденти со гранатирање и евакуацијата на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Лугањск.
„Она што го гледаме дека се случува сега само ја надополнува сликата за загриженост дека тие се обидуваат да креираат изговор за напад“, рече Столтенберг, додавајќи дека тие се крајно загрижени поради таквите обиди.
Столтенберг, исто така, истакна дека моменталното воено акумулирање на Русија покрај границите на Украина е најголемото распоредување од времето на Студената војна.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера предупреди дека Русија е на работ да ја нападне Украина во рок од неколку дена и ја обвини Москва дека создава изговор за нејзините планови за инвазија.
Москва континуирано негира каков било план за напад на Украина и ги обвини западните земји за поткопување на безбедноста на Русија со проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија упати и листа на безбедносни барања до Западот, меѓу кои се враќање на распоредените војници од некои поранешни советски републики и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат на НАТО.