Zuhal Demirci
29 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
ЛОНДОН
Велика Британија ја повика француската амбасадорка во Лондон, Кетрин Колона, во Министерството за надворешни работи, поради тековниот проблем со рибарите на Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, на својот профил на Твитер напиша дека наложила француската амбасадорка Колона да се повика во Министерството.
Еден од портпаролите на британската Влада ги осуди неоправданите закани од Франција.
„Жалиме за конфронтирачката реторика што француската Влада постојано ја користеше по ова прашање. Реториката не го олесни решавањето на ситуацијата. Силно ја изразивме нашата загриженост и до француската и до Комисијата на Европската Унија (ЕУ)“, рече портпаролот.
- „Британската Влада го разбира ‘јазикот на моќта’ “
Клемент Бон, францускиот државен министер за ЕУ, истакнувајќи дека британската Влада го разбира само „јазикот на моќта“ во врска со тековниот проблем со рибарите, рече дека на бродовите нема да им биде овозможен пристап до сите пристаништа во земјата, освен за неколку британски бродови.
Наведувајќи дека британските камиони и бродови кои доаѓаат од или одат кон Велика Британија ќе бидат систематски контролирани, Бон додаде дека контролите на бродовите започнале синоќа.
Нагласувајќи дека нема да имаат толеранција по ова прашање, Бон рече: „Сега мораме да зборуваме со ‘јазикот на моќта’, бидејќи се плашам дека британската Влада само тоа го разбира.“
- Франција најави дека ќе спроведе одмазднички мерки против Британија
Портпаролот на француската Влада, Габриел Атал, во вчерашната изјава рече дека од 2 ноември ќе спроведат одмазднички мерки против Британија поради тековниот проблем со рибарите.
Постигнат е консензус во преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија за одредување на квотите за риболов во 2021 година, но француските рибари не можат да ловат во назначените области.
Британската администрација на островот Жерзи од француските рибарски бродови побара докази за нивните минати активности. Оваа ситуација предизвика тензии помеѓу Франција и Велика Британија.
Франција се закани дека ќе ја прекине доставата на електрична енергија на Жерзи, а француските рибари го блокираа пристаништето на островот.
Британската Влада испрати два брода на морнарицата на островот Жерзи како мерка на претпазливост, на што Франција одговори со испраќање два брода на морнарицата во регионот како противмерка.
По завршувањето на блокадата на француските рибари, бродовите на морнарицата се вратија назад. Франција бара ЕУ да биде построга кон Велика Британија во однос на рибарството.
Британскиот остров Жерзи, сместен во каналот Ла Манш, 95 % од електричната енергија ја добива од Франција, од која е оддалечен околу 14 милји.