Ekip
10 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
ДОХА (AA) – Поранешниот катарски премиер Хамид бин Јасим ал Тани на Твитер објави дека помеѓу арапските земји и Израел би можело да биде потпишан договор за ненапаѓање како следен чекор кон „мировниот план“, што Соединетите Американски Држави (САД) го најавија за Блискиот Исток, познат како „Договор на векот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Следен чекор на Договорот на векот ќе биде договор за ненапаѓање помеѓу Израел и Советот за соработка на заливските земји, со додавање на Египет, Јордан и евентуално Мароко“, напиша Ал Тани на својот твитер-профил, но не го откри изворот на информацијата.
Само Египет и Јордан од арапските држави имаат дипломатски врски со Израел од 1967 година, откако ги окупираше деловите на арапските земји.
„Целта на овие земји, преку овие ветувања (чекори), е да се приближат на САД, иако знаат дека на тој договор ќе се спротивстават повеќето во Арапската лига“, додаде Ал Тани.
Повеќето арапски држави го отфрлија американскиот „мировен план“ во текот на состанокот на министерско ниво што е одржан минатата недела во Египет, повикувајќи се на тоа дека планот „не ги остварува минималните права на палестинскиот народ“.
Американскиот претседател Трамп на 28 јануари 2020 година го претстави таканаречениот „Договор на векот“ за завршување на израелско-палестинскиот судир. На претставувањето на планот присуствуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но не и палестинските функционери.
Со планот што го објави Трамп, Ерусалим (Кудс) е прогласен за неразделив главен град на Израел. Трамп тогаш порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно откри дека планот предвидува израелски суверенитет над сите еврејски населби на Западен Брег и порача дека тој план е многу голема и историска добивка за Израел.
Палестинската страна, вклучувајќи ги движењата на отпорот Фатах и Хамас, го отфрли планот на Трамп и најави продолжување на борбата за правата на Палестинците. Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, го оцени планот како заговор, а од Хамас порачаа дека тој план не е вреден ниту колку хартијата на која е печатен.