Büşra Nur Çakmak
01 Март 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
АНКАРА (АА) - Претседателите на осум земји од централна и источна Европа ги повикаа земјите членки на Европската Унија (ЕУ) на Украина веднаш да ѝ дадат статус на кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), наведено е во отвореното писмо објавено денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние, претседателите на земјите членки на ЕУ Бугарија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија, силно веруваме дека Украина заслужува да добие непосредна перспектива за пристапување кон ЕУ“, се наведува во писмото.
Претседателите на осум земји ги повикаа останатите земји членки да „ја консолидираат најголемата политичка поддршка кон Украина и да им овозможат на институциите на ЕУ да ги преземат чекорите за на Украина веднаш да ѝ дадат статус на земја кандидат за ЕУ, и да го отворат процесот на преговори.“
Претседателите во писмото ја повторуваат својата поддршка кон Украина и нејзиниот народ.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, во четвртокот нареди воена интервенција во Украина, неколку дена откако ги призна двете украински енклави кои се под контрола на сепаратистите.