Said İbicioğlu
30 Јуни 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
АДЕН
Претседателот на Јемен Абдурабу Мансур Хади истакна дека е подготвен да обезбеди сеопфатен мир во својата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави официјалната новинска агенција на Јемен, претседателот Хади се состанал со специјалниот претставник на Обединетите нации за Јемен Мартин Грифитс.
На средбата Хади рекол дека е подготвен да обезбеди целосен и сеопфатен мир во согласност со одлуките на Конференцијата за национален дијалог, Заливската иницијатива и Советот за безбедност на ОН.
Хади изјави дека и покрај тоа што Хусите не се подготвени да го исполнат својот дел од обврските, претставникот на ОН Грифитс непрекинато правел обиди за воспоставување на мир.
Јемен во кој подолг период преовладува политичка нестабилност, е сцена на судири меѓу силите приврзаи на власта и Хусите поддржани од Иран.
Бунтовничкото движење Хуси го контролира главниот град Сана и уште неколку важни региони во земјата, а меѓународно признатата Влада на Јемен дејствува од пристанишниот град Аден.
Судирите во Јемен дополнително се интензивираа во март 2015 година, кога Саудиска Арабија со своите сојузници започна со воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Во Јемен според ОН се случува една од најголемите светски кризи каде на 80% од луѓето им е потребна хуманитарна помош и заштита.