Muhammet Kurşun
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани, говорејќи за економските последици од пандемијата на коронавирусот, изјави дека во Иран се изгубени милион и сто илјади работни места, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рохани се обрати онлајн на церемонијата на отворање повеќе проекти на подрачјето на Иран, а во таа пригода се осврна на економските предизвици со кои е соочена неговата земја.
Наведувајќи дека санкциите кои ги обновил поранешниот американски претседател Доналд Трамп, биле силен притисок врз иранскиот народ во смисла на цените и инфлацијата, Рохани порача:
„Милион и сто илјади луѓе останаа без работа поради Ковид-19. Невработеноста на милион луѓе остава уште милиони во потешкотии. Економската војна, сушата и поплавите им нанесоа неволји на луѓето.“
Тој додаде дека Иран поради санкциите бил соочен со различни потешкотии.
„Баравме маски, но никој не ни даваше. Никој не ни даде ниту респиратори. Идиотот Трамп испрати порака: ’Ако сакате респиратори, ќе ви пратиме четири.‘ Реков: ’Можеме да ви пратиме 40 ако сакате‘“, изјави Рохани.