Elena Teslova
21 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
МОСКВА (АА) - Русија ги затвори балтичките конзулати и ги протера нивните дипломати во согласност со принципот на реципроцитет, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува одлуката за затворање на латвиските конзулати во Санкт Петербург и Псков, Естонскиот конзулат во Санкт Петербург и канцеларијата во Псков и литванскиот конзулат во Санкт Петербург.
Министерството соопшти дека сите конзулатски дипломати, вклучително и нивните челници, се прогласени за „непожелни“, додавајќи дека персоналот на администрацијата и техничкиот персонал, кои не се руски државјани, се „неприфатливи“.
„Бараме сите споменати лица да ја напуштат територијата на Руската Федерација во истиот временски интервал даден за заминување на вработените во руските конзуларни претставништва од овие земји“, се вели во соопштението на Министерството.
На 5 април Латвија ги затвори руските конзулати во градовите Лиепаја и Даугавпилс и протера 13 дипломати. Естонија го затвори Рускиот конзулат во Нарва и Конзуларното одделение во Тарту и прогласи за непожелни 14 руски државјани, меѓу кои и 7 дипломати. Литванија го затвори и Рускиот конзулат на 4 април.
Балтичките земји го објаснија својот потег како знак на солидарност со Украина и протест против руско-украинската војна.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), најмалку 2.224 цивили загинаа, а 2.897 се повредени во војната во Украина што започна на 24 февруари. Се смета дека вистинските бројки се многу поголеми.
„Повеќе од 5 милиони Украинци пребегаа во други земји, а над 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.