Davit Kachkachishvili
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
КИЕВ (АА) - Не може да има силна Европа без силна Украина, рече градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, наведувајќи дека ќе го продолжат „процесот на интеграција со Европската Унија (ЕУ)“, и покрај руските напади врз неговата земја, jaвува Агенција Анадолија (АА).
Кличко, заедно со европратеници и други претставници на Парламентот на ЕУ присуствуваше на церемонијата на отворањето на Домот на Европа во Киев. На свеченоста беа интонирани химната на Украина и химната на ЕУ.
Пред зградата каде што беа преземени опсежни безбедносни мерки, беше поставено знамето на ЕУ.
Кличко во своето обраќање на церемонијата рече дека Украина околу два месеци се бори против руските напади.
„Нашите херојски војници ја заштитија земјата и продолжуваат да ја штитат. Ние го заштитивме и ќе го заштитиме Киев, кој е срцето на Украина“, нагласи тој, додавајќи дека голем број украински цивили загинаа во руските напади.
Кличко нагласи дека Русија кон неговата земја се однесува на диктаторски, империјалистички и деспотски начин, додека украинскиот народ се бори за својата слобода и иднина.
Наведувајќи дека ќе продолжат да вложуваат напори за заштита на иднината на Европа, Кличко рече: „Украина е Европа.“
Кличко нагласи дека ќе продолжат да работат за Украина да стане членка на ЕУ.
„И покрај нападите на Русија, Украина ќе продолжи со процесот на интеграција со ЕУ. Сакам нашите европски пријатели да го знаат тоа, не може да има силна Европа без силна Украина“, додаде тој.