Gülşen Topçu,Mahmut Geldi
08 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
РИЈАД (АА) - Во Саудиска Арабија, во случајот на убиството на новинарот Џамал Кашоги, пет лица се осудени на по 20 години затвор, а три на затворски казни меѓу седум и 10 години, јавува Агенција Анадолија (AA).
Судот во Ријад донесе пресуда со која пет лица се осудени на казна од по 20 години, едно на десет години и две на по седум години затвор.
Судот во Истанбул кон средината на април го прифати обвинението на 117 страници кое го поднесе турското обвинителство во тој град против вкупно 20 државјани на Саудиска Арабија осомничени за убиството на Кашоги, за кои е распишана потерница.
Првото рочиште започна на 3 јули пред 11. Кривичен суд во Истанбул, без присуство на обвинетите. Рочиштето започна со читање на резимето на обвиненијата, а продолжи со сведочењето на Хатиџа Џенгиз, свршеницата на убиениот новинар Кашоги.
Меѓу обвинетите се Ахмед Мухамад Асири и Сауд ал Кахтани, кои се товарат за планирање на убиството на Кашоги и согласно тој план одредиле егзекутори и им издале наредби. И за двајцата се бара изрекување на повеќекратни доживотни затворски казни. Останатите 18 лица опфатени со обвинението се товарат за убиство со предумисла и за свирепо измачување на жртвата. Тие првично планирале да го вратат Кашоги во Саудиска Арабија, а имале и спремен план за убиство со давење ако жртвата не прифати да оди со нив. За 18 обвинети се бара изрекување на повеќекратни доживотни затворски казни.
Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, е убиен во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде што тој ден отишол на закажан состанок за издавање на лични документи за венчавка. По повеќедневното негирање, саудиските власти признаа дека Кашоги е убиен, а потоа судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни за петмината обвинети.
Уште тројца обвинети добија затворски казни во вкупно траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвиненија.
Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) во извештајот на 101 страница тврди дека убиството на Кашоги е чин кој Саудиска Арабија го извела со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат валидни докази за неопходноста да се истражи вмешаноста на највисоките саудиски претставници во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.