Talha Yavuz
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
КИЕВ (АА) - ТАЛХА ЈАВУЗ – Олександр Лос, главниот менаџер на украинската авиокомпанија „Антонов“, истакна дека e импресиониран од пристапот на Турција кон производството, како и дека турската авионска индустрија треба да биде вклучена во процесот на производство на авионите „AN-178“.
Лос во разговорот за Агенција Анадолија (АА) се осврна на посетата на Турција.
Истакнувајќи дека минатата недела, заедно со украинскиот вицепремиер и министер одговорен за стратешки индустрии, Олег Урускиј, ја посетиле Турција, Лос рече: „За мене посетата беше поучна. Посетивме бродоградилиште во Турција. Многу ми се допадна амфибискиот брод што го произведува Турција.“
Рече дека во Турција ја посетиле компанијата „Бајрактар“. „Многу бев импресиониран од пристапот ориентиран кон производство. Ние исто така го користиме овој пристап во Антонов.“
Лос, потсетувајќи дека односите во авионската индустрија помеѓу Турција и Украина започнале во 2013 година, за „AN-158“ рече: „Од тогаш сме во близок контакт со колегите и пријателите од Турција. На овој начин, раководителите од највисокото ниво имаат можност да зборуваат за потенцијални партнерства за заедничко производство на ‘AN-158‘“.
Посочи дека постојат развиени односи меѓу двете земји во областа на одбраната.
„Има потенцијал за партнерство во многу други области, не само во одбраната. На комерцијално поле, на пример, за патнички авион. Стратешките индустрии не се поврзани само со одбраната, туку во него се вклучени и економијата и финансиите. Олег Антонов, основачот на нашата компанија, на прашањето дали авионот „AN-22“ ќе биде воен или цивилен рече: ‘На пример, земете едно шише, тоа шише може да го пополните со вода или да ставите бензин и да направите Молотов коктел‘. Така што можете да го користите според вашите потреби.“
- „AN-178“ прв авион без руска опрема -
Главниот менаџер на „Антонов“ истакна дека еден ден пред Денот на независноста на Украина го завршиле првиот авион „AN-178“ во кој нема руска опрема.
Нагласувајќи дека компанијата „Антонов“ во минатото била зависна од надворешната политика, Лос истакна: „Во 2014 година поради војната се случија тектонски промени. Го загубивме традиционалниот пазар и добавувачите. Од почетокот на 1990-тите започнавме соработка со западните компании. По 2014 година овој процес го забрзавме. Пред војната, авионите „AN-158“ и „AN-178“ се произведуваа со делови кои една третина припаѓаа на Русија, другата на западните земји, а третата на Украина.“
- Во процесот на замена на опремата треба да учествува и Турција -
Лос истакна дека турската авионска индустрија треба да се вклучи во процесот на замена на опремата. „Од 2017 година лично ги посетувам компаниите за опрема во Турција и ги проценуваме можностите за интеграција на делови за авионот „AN-178“, што ќе оди во турската полиција и турската Армија. Затоа за „AN-178“ турските делови се неопходни.“
Во врска со производството на вториот „AN-225 Mriya“, кој е најголемиот авион во светот, Лос нагласи: „AN-225 е авион што е произведен кон крајот на 1980-тите години. Трупот му е совршен, но опремата мора да се обнови. Постојат многу побарувања на пазарот на оваа тема. Сите мислат дека имаме два авиона, но овој момент имаме само труп. Вториот AN-225 треба да биде задача што треба да ја исполниме.“