Ömer Tuğrul Çam,Cüneyt Karadağ
07 Декември 2020•Ажурирај: 08 Декември 2020
БРИСЕЛ
За време на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ) во Брисел, официјални точки на дневниот ред се состојбата во Грузија по изборите, парламентарните избори во Венецуела, размената на мислења за тоа како ќе се формираат односите меѓу ЕУ и САД по претседателските избори во САД, последиците од новите безбедносни закони во Хонгконг, стратешката автономија на ЕУ и настаните со Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според одлуката донесена на самитот на 1 октомври, земјите членки на ЕУ на 10 декември ќе започнат детални дискусии за односите меѓу ЕУ и Турција.
Официјалните претставници на ЕУ сметаат дека Турција не ги направила очекуваните чекори во Источниот Медитеран. ЕУ, исто така, од Турција има очекување и во врска со прашањата за Кипар, Нагорно Карабах, Либија и Сирија.
Со оглед на тоа што чекорите кои ги очекуваше ЕУ не се направени, дали за Турција ќе се применуваат ограничувачки мерки ќе се одлучи на самитот на лидерите на ЕУ.
ЕУ како позитивен развој го оцени тоа што истражувачкиот брод „Оруч Реис“ ги завршил активностите во Источниот Медитеран и се вратил во пристаништето во Анталија.
Но, според ЕУ, ситуацијата во односите со Турција не може да се оцени преку еден настан, туку со општи дејствија и општа реторика.
Германскиот министер за надворешни работи, Хаико Мас, во изјавата дадена пред почетокот на состанокот, истакна дека Германија вложува напори за унапредување на дијалогот меѓу Турција и ЕУ.
Мас, исто така, потсети дека нема директни разговори меѓу Турција и Грција по напнатоста во Источниот Медитеран.
Истакнувајќи дека ставот на Турција е „провоцирачки", Мас рече: „Ќе видиме какви последици ќе има тоа.“
Министерот Мас, наведувајќи дека на состанокот ќе разговараат и за тоа дали ќе се воведат санкции и за земјите кои прават сериозни повреди на човековите права, нагласи: „Ова ќе биде еден од нашите најголеми напори за време на нашето претседателство.“
Осврнувајќи се на односите меѓу ЕУ и САД, Мас рече: „Има многу можности да се искористат за време на претседавањето на Бајден во САД. Кои се деловите каде што ЕУ може да преземе одговорност. Што може да направиме во врска со соработката со САД, ќе ги разгледаме овие прашања.“