Ömer Tuğrul Çam
20 Април 2023•Ажурирај: 22 Април 2023
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во изненадна посета на главниот град на Украина, Киев, изјави дека ќе ја поддржува земјата до крајот на војната со Русија, јавува Анадолу.
Столтенберг е во посета на Украина за прв пат откако Русија започна напад врз земјата на 24 февруари 2022 година. Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Првиот човек на НАТО на социјалните мрежи изјави дека е чест да се биде во Киев и да се состане со Зеленски.
Во обраќање до Украинците, Столтенберг на прес-конференцијата изјави: „НАТО е со вас денес, утре и до крај“, нагласувајќи дека ќе ја поддржи Украина против Русија.
Столтенберг рече дека од февруари 2022 година, сојузниците на НАТО ѝ обезбедиле на Украина 150 милијарди евра, вклучително и 65 милијарди евра воена помош, дека со текот на годините обучиле десетици илјади украински војници, испорачале воени авиони, тенкови, оклопни возила и направиле разлика на бојното поле.
Нагласувајќи дека безбедносните интереси на сојузниците бараат поддршка за Украина, Столтенберг рече: „Заслуженото место на Украина е евроатлантското семејство. Заслуженото место на Украина е НАТО. Со текот на времето, нашата поддршка ќе го овозможи тоа.“
Одговарајќи на прашање за членството на Украина во НАТО, Столтенберг рече:
„Очекувам дека сојузниците на НАТО на самитот во Вилнус, со учество на претседателот Зеленски, ќе се договорат за зајакнување на пакетот за поддршка на НАТО за Украина и обезбедување поголема поддршка. Разбирам и дека господинот Зеленски ќе го постави прашањето за членството и безбедносните гаранции. Ова ќе биде една од главните точки на дневниот ред на состанокот.“
Столтенберг исто така го посети и градот Буча, кој потпадна под руска контрола непосредно по почетокот на рускиот напад, надвор од главниот град Киев, а подоцна беше повторно преземен од Украина и стана предмет на светско внимание со сцените од трупови на улица, и положи венец на споменот на жртвите.