Muhammed Boztepe
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили, во соработка со Разузнавачката служба на земјата (МИТ), неутрализираа еден од најбараните припадници на терористичката организација ПКК во северен Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Во вчерашната акција на турските сили на северноирачката планина Хакурк неутрализирани се петмина терористи на ПКК, а меѓу неутрализираните е и Недим Каракулак, познат и под кодното име „Кава Гарзан“.
Каракулак е член на терористичката организација ПКК од 1992 година и бил одговорен за транспорт на терористи и стоки во северниот дел на Ирак, поточно на планините Хакурк и Кандил.
Своевремено бил и главен организатор за транспорт на експлозив од Ирак во Турција, а од 2013 година се наоѓа на црвената листа на најбарани терористи во Турција.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија околу 40.000 луѓе.
Планинските региони на Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат во северниот дел на Ирак, долж ирачко-турската граница. Станува збор за подрачје кое важи за лулка на терористичкото движење ПКК.
Турските сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција и во северните делови на Сирија и на Ирак.
Воените операции во пограничните регии се базираат на правата на Турција засновани на меѓународното право за самоодбрана и на резолуциите на Обединетите нации (ОН) кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
Операциите се изведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со исклучива цел неутрализација на терористичките закани.