Ekipa
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија (ЕУ) ќе се состанат утре во Брисел на дводневен Самит за да дискутираат за неодамнешните случувања, војната во Украина, безбедносните и енергетските прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите ќе ги оценат најновите случувања на теренот, помошта на Унијата за Украина, како и напорите на ЕУ во прифаќањето на украинските бегалци.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, ќе се приклучи на Самитот на ЕУ откако истиот ден ќе присуствува на Вонредниот самит на лидерите на НАТО во Брисел.
Лидерите на ЕУ и Бајден ќе разговараат за зајакнатата трансатлантската соработка во рамките на руската војна во Украина, како и за понатамошната поддршка за земјата.
Лидерите на земјите и владите ќе ги разгледаат новите санкции против Русија, вклучително и плановите за воведување забрана на руска нафта и неодамнешниот предлог на Европската комисија за намалување на зависноста на Унијата од руската енергија.
Сепак, се очекува темата да предизвика многу поделени мислења. Додека Полска и балтичките земји се залагаат за ембарго на нафта и гас, одредени земји членки како Германија и Унгарија не сакаат да се откажат од руското снабдување со енергија.
Дополнително, лидерите ќе зборуваат за економските последици од украинската војна, вклучително и за зголемувањето на цените на енергијата и храната, како и за можните прекини во снабдувањето.
Приклучувајќи се на иницијативата на Шпанија, и Италија, Грција, Португалија, Франција и Белгија се очекува да ги претстават плановите за ограничување на цените на енергијата за потрошувачите и за реформирање на прописите за цените на енергетските пазари на ЕУ.
Лидерите на земјите и владите, исто така, ќе го поддржат Стратешкиот компас, најновиот акционен план за одбрана и безбедност на Унијата.
Стратегијата има за цел да формира сили на ЕУ од 5.000 војници кои брзо ќе бидат распоредени во меѓународни кризи, да ја осигура Унијата од сајбернапади и да обезбеди попаметна заедничка употреба на европските воени капацитети во согласност со барањата на НАТО.
Лидерите на земјите и владите, исто така, ќе разговараат и за ситуацијата со Ковид-19.