Seda Sevencan
23 Мај 2022•Ажурирај: 24 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто вчера изјави дека може да ја уверат Турција дека врските на терористичката организација ПКК во таа земја ќе бидат внимателно следени, јавија државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние секако можеме да ѝ дадеме такви гаранции на Турција. Бидејќи ПКК е на списокот на терористички организации во Европа, важно е да го направиме нашиот дел и да не дозволиме никакви подготовки за терористичка активност на финско тло“, изјави Хависто за државната телевизија.
Над 35 години ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени, деца и стари лица.
Хависто рече дека Хелсинки и Анкара би можеле да ги решат проблемите поврзани со барањето на Финска за членство во НАТО, но тој предвиде дека тоа може да потрае неколку недели.
„Пред неколку дена реков дека ќе биде барем прашање на денови. Да бидам внимателен, сега може да се каже дека ќе биде прашање на недели. Оптимист сум дека проблемите ќе се решат, но можеби ќе потрае некое време“, рече Хависто.
Изјавата дојде еден ден откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со финскиот претсеател Саули Ниинисто.
Ердоган во таа прилика изјави дека пристапот на игнорирање на терористичките организации кои претставуваат закана за сојузник во НАТО е некомпатибилен со духот на пријателството и сојузот.
Ердоган додаде дека најприродното право е да се очекува почит и поддршка за легитимната и решителна борба на Турција против очигледната закана за нејзината национална безбедност и нејзиниот народ.
Турција, долгогодишна членка на НАТО, се спротивстави на кандидатурите на Финска и Шведска за членство, критикувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи, вклучително и ЈПГ/ПКК.
Во последните пет години, и Хелсинки и Стокхолм одбија да ги прифатат барањата на Анкара за екстрадиција на десетици терористи, меѓу и припадници на ПКК и ФЕТО, терористичката организација која стои зад обидот за државен удар во Турција во 2016 година.