Ekipa
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Овозможувањето членство на Украина во Европската Унија (ЕУ) е морална должност, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не е само наш стратешки интерес, туку и морална должност да им овозможиме на Украинците да се приклучат на ЕУ, знаејќи дека храбро се борат за својата иднина“, рече Фон дер Лајен, обраќајќи се на форумот ГЛОБСЕК 2022 во Братислава.
Додаде дека Украинците „храбро се борат“, бидејќи сакаат „слободно и отворено општество кое припаѓа на силна демократска заедница“.
Фон дер Лајен објасни дека ЕУ сака да ги спои инвестициите за обнова на Украина со реформи во областа на административните капацитети, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Нивната цел е да создадат атрактивна деловна средина „за инвеститорите да имаат доверба да се вратат и да инвестираат во Украина“.
Таа додаде дека Европската комисија со своето искуство ќе ѝ помогне на Украина да ги оствари реформите кои водат кон пристапување во ЕУ.
Истовремено истакна дека брзината на пристапниот процес зависи од Украина и поддршката на блокот.
Само четири дена откако Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари, украинскиот претседател Владимир Зеленски официјално го потпиша барањето на земјата за приклучување кон Унијата.
Извршното тело на блокот во наредните недели ќе го даде своето мислење дали земјата може да добие кандидатски статус и да ги започне преговорите за членство, што е прва фаза на процесот.
Се очекува дека лидерите на ЕУ ќе го проценат извештајот на следниот Самит што ќе се одржи на 23 и 24 јуни.