Furkan Naci Top
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
АТИНА (AA) - Министрите на земјите учеснички на Форумот на античките цивилизации, кој се одржува во Атина под покровителство на министерството за надворешни работи на Грција и Кина, пратија порака на мир и дијалог во борбата против екстремизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министрите по одржаниот форум, на новинарите им речоа дека и во наредниот период е потребно да продолжат со борбата против екстремизмот и тероризмот.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас истакна дека Грција сигурно ќе продолжи со таквите напори во рамките на својата надворешна политика.
„Со дијалог мораме да продолжиме со борбата против тероризмот и фанатизмот", нагласи Коѕијас, додавајќи дека планираат секоја година да го организираат овој форум кој собра бројни високи функционери.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји предупреди на зголемената несигурност и нестабилност во светот.
„Тука ги обединивме силите со мудрост која е втемелена на традицијата со цел решавање на проблемите со кои светот се соочува. Меѓународните проблеми и регионалните судири мораат да се решаваат преку мирен пат", рече Ванг.
Министерот за надворешни работи на Иран, Џевад Зариф, рече дека светот може да научи многу важни лекции од древните цивилизации.
Додаде дека собирот во Атина претставува важен настан во намерата на решавањето на глобалните проблеми.
Ирачкиот шеф на дипломатијата Ибрахим ал-Џафари предупреди дека терористичката организација ДЕАШ е непријател на цивилизацијата, човештвото и историските споменици, апелирајќи на заедничка борба против тероризмот.
Министерот за култура на Перу, Салвадор дел Солар, на конференцијата за медиумите рече дека светот они кон неизвесна иднина, додавајќи дека дијалогот и толеранцијата се клучни во борбата против незнаењето.