Selman Aksünger
02 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
АМСТЕРДАМ (АА) - Фондација за истражување на пазарот со седиште во Амстердам денеска поднесе тужба против популарната платформа за кратки видеа „ТикТок“ за „небрежност при осигурување на безбедноста и приватноста на децата“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Фондацијата за истражување на информациите на пазарот (SOMI) соопшти дека од името на 64.000 родители поднела тужба за отштета од 1,4 милијарди евра.
Фондацијата наведува дека „ТикТок“ не обезбедува на правилен начин дозвола за собирање податоци на децата корисници на платформата, додавајќи дека платформата прави премалку за да ги заштити децата.
Понатаму, СОМИ тврди дека „ТикТок“ собира многу повеќе податоци отколку што е потребно.
„ТикТок“ сега се соочува со тужба за отштета пред Судот во Амстердам за кршење на различни закони за заштита на податоците на Европската Унија.
Кор Витвлиет, еден од основачите на СОМИ, истакна дека здружението и релевантните институции на ЕУ испратиле приговори до „ТикТок“, но не биле постигнати суштински резултати.
За холандските медиуми, официјален претставник на платформата изјави дека безбедноста на личните податоци е меѓу нивните приоритети.
„„ТикТок“ им овозможува пристап на родителите до профилите на нивните деца за да можат за оваа намена да ги контролираат профилите на децата на возраст под 16 години“, додаде официјалниот претставник.
„ТикТок“ дозволува само деца над 13 години да бидат дел од платформата со согласност на нивните родители.