Şenhan Bolelli
25 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
МАДРИД (АА) – И покрај тоа што на претседателските избори во Франција победи либералниот Емануел Макрон, фактот што крајната десничарка Марин Ле Пен доби поддршка од 41,45 отсто предизвика загриженост во Владата на Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарез, истакна дека се задоволни од победата на Макрон во Франција, но дека исто се загрижени од тоа што екстремната десница го освои најдобриот резултат досега.
„Подемот на крајната десница во Франција ја покажува кршливоста на европската интеграција, која не е безбедна, и кршливоста на демократијата што треба да се гради од ден на ден. Предизвиците кои се присутни и кај Путин во Украина, Ле Пен во Франција и други европски земји, претставуваат авторитарен национализам“, рече Албарез.
Осврнувајќи се на неодамнешните избори во Европа и истакнувајќи дека во Франција, Португалија и Германија на власт дојдоа оние што се залагаа за обнова на Европа, Албарез рече дека Владата во Шпанија е фер, силна, работи за единство и солидарност, заговара плурализам и дека ќе продолжи да работи за Европа.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде Марласка, истакна дека е неопходна заедничка борба против екстремната десница за да се одбрани демократијата, која е главната вредност на Европа.
Од друга страна, лидерката на Унидас Подемос, министерката за труд и социјална економија, Јоланда Диаз, рече: „Европските демократи здивнаа. Благодарение на францускиот народ, десницата повторно беше поразена.“
Премиерот Педро Санчез на својот профил на социјалните мрежи напиша: „Граѓаните ја избраа Франција, која ја брани слободна, силна и фер ЕУ. Победи демократијата, победи Европа. Честитки Емануел Макрон.“