Ali Cura
11 август 2016•Ажурирај: 12 август 2016
КИЕВ (АА) – Овогодишниот победник на Евровизија во Стокхолм, украинската џез-пејачка Џамала, на 17 август ќе настапи во Истанбул, а во интервју за Anadolu Agency истакна дека својот концерт ќе го посвети на оние што загинаа во борбата за демократија, односно на жртвите во обидот за државен удар во Турција на 15 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Џамала (32), чие вистинско име е Сузана Џамаладинова, инаку е првата Татарка на Евровизија. Таа неочекувано победи со песната „1944 година“, посветена на масовната депортација на Татарите од Крим во 1944 година, по наредба на тогашниот советски лидер Јосиф Висарионович Сталин.
Во интервју за новинар на АА, Џамала се осврна на својот концерт во Истанбул, но уште на самиот почеток ја изрази големата љубов кон Турција.
- Турција е дел од моето семејство -
„Турција навистина ја сметам за дел од моето семејство. Турција ја сметам за своја татковина. Мојата сестра, како и многу роднини живеат во Турција. Секогаш во оваа земја се чувствувам како дома“, изјави Џамала.
Таа, исто така, рече дека нејзиниот концерт во Истанбул ќе се одржи на 17 август, на 17-годишнината од катастрофалниот земјотрес во регионот Мармара, и додаде: „Тоа е причината зошто решив овој концерт да го посветам на жртвите од земјотресот. Исто така, ќе биде посветен и на оние што починале на 15 јули во борбата за демократија и човекови права“.
Таа додаде дека во ноќта на 15 јули присуствувала на отворањето на Филмскиот фестивал во Одеса, Украина, и дека за развојот на настаните во Турција дознала на полноќ од својата сестра.
„Тоа беше тешка ноќ, бев толку загрижена. Со целото мое срце бев со турскиот народ, кој на храбар и достоинствен начин се спротивстави на обидот за државен удар, и на крајот успеа“, изјави Џамала, додавајќи дека слични работи се случувале и во Украина.
„За време на револуцијата на Плоштадот на независноста во Киев беа убиени невини и млади луѓе, студенти. Видов дека и младите во Турција легнаа пред тенковите. Тоа беше многу страшно. Божја милост и спокој на сите убиени“, изјави Џамала, притоа осудувајќи го обидот за државен удар од страна на насилната терористичка организација ФЕТО“.
Таа изјави дека потоа почнала да размислува што би можела да направи како уметник во тој поглед.
„Пред сѐ, јас сум личност која не е вклучена во политиката. На луѓето им ја подарувам својата музика. Затоа решив да организирам концерт во Истанбул, а тој ќе биде на 17 август“, изјави Џамала.