АНКАРА (АА) - Шефот на делегацијата на Европската Унија во Турција, Кристијан Бергер, денеска изјави дека сириските студенти кои следат настава во Турција, придонесуваат за градење на општеството во двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вашето присуство тука е исто така моќна порака, затоа што покажува дека сте успеале да создадете живот за себе во Турција“, изјави Бергер на церемонијата на доделување дипломи на сириските студенти во Анкара.
Бергер нагласи дека студентите успеале да се извлечат од тешката ситуација во Сирија, дека работеле многу напорно и го научиле турскиот јазик.
Потенцирајќи ја важноста на високото образование, како одредница на иднината на многу студенти, Бергер истакна дека фокусот на делегацијата на ЕУ во Турција бил ставен на образованието.
„Нашиот пристап кон образованието е од градинка па сѐ до универзитет“, додаде Бергер.
Тој рече дека делегацијата обезбедува поддршка и за бегалците кои побегнале во Турција, и за нивната земја домаќин која ги примила бегалците.
Бергер изјави дека сириските студенти кои се здобиле со високо образование во Турција ќе придонесат за градење на општеството, без разлика дали во Турција или во Сирија, доколку одлучат да се вратат.
- Турција обезбедува стипендии за над 6.000 Сиријци -
Претседателот на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (YTB), Абдула Ерен, истакна дека тие ги подмируваат универзитетските такси на сириските студенти во земјата уште од 2014 година.
„Сирија и Турција се две земји кои имаат многу стари историски и културолошки врски“, изјави тој, додавајќи дека врз тие врски, исто така, имала големо влијание и сириската граѓанска војна.
Ерен рече дека верува оти турската и сириската младина ќе ги врати овие врски на нивото пред војната, и над тоа.
„Од 2014 година, како Дирекција на Турците во странство и сродните заедници, доделивме стипендии на над 6.000 студенти“, изјави тој, додавајќи дека едукацијата на околу 3.000 од нив е во тек.
Тој се заблагодари на Европската Унија (ЕУ) и Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР) за придонес кон достапноста на високото образование за сириските студенти.
Ерен изјави дека од 2012 година, околу 15.000 студенти добиле стипендии преку Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници, ЕУ И УНХЦР.
„Според нашите бројки, во 2021 година, речиси 230.000 Сиријци ќе чекаат или ќе аплицираат за образование на нашите универзитети“, изјави тој.
Тој додаде дека речиси 3,5 милиони Сиријци кои се наоѓаат во моментот во Турција, за неколку децении ќе бидат катализатор за неразделни врски меѓу двете земји.
Нагласувајќи дека да се биде далеку од својата земја е тешко, Ерен дека и Турција, исто така, е нивна (сириски студенти) татковина.
- Високото образование занемарено за време на кризи -
Претставничката на УНХЦР во Турција, Катарина Ламп, исто така им честиташе на студентите кои го завршиле нивното образование во Турција.
Таа изјави дека нивната посветеност и упорна работа е важен знак за надеж за иднината.
Ламп нагласи дека партнерството меѓу Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници, ЕУ и УНХЦР е со цел поддршка на достапноста на високото образование за бегалците во Турција.
„Високото образование често е занемарено за време на кризи“, додаде таа.
Вала Мухендис, сириска студентка, изјави дека поради граѓанската војна, во 2014 година, од Алепо дошла во централна Коња, Турција.
Велејќи дека јазичната бариера ѝ предизвикувала одредени потешкотии кога дошла, Мухендис рече дека ги надминала овие проблеми откако, со поддршка на Дрекцијата, во 2015 година почнала да учи турски јазик.
Таа истакна дека ќе дипломира оваа година на Техничкиот универзитет во Коња, и се заблагодари на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници, ЕУ и ОН за стипендијата кои тие ѝ ја овозможиле.
Зехра Мавалди, која дипломираше на Универзитетот „Неџметин Ербакан“ во Коња, исто така изрази благодарност за поддршката која ја добила во Турција.