Burak Bir
20 Јануари 2021•Ажурирај: 21 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција внимателно го следи развојот на настаните во ирачкото подрачје Синџар, нагласувајќи дека Анкара е подготвена да го поддржи расчистувањето на регионот од терористите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција, доколку е потребно, е подготвена да обезбеди поддршка за елиминирање на терористите во ирачкиот регион Синџар“, изјави Акар по неговата официјална посета на Ирак.
Тој нагласи дека соработката меѓу Турција и Ирак, како и соработката меѓу Турција и Ербил, ќе донесат важен развој на настаните во тековниот период во борбата против тероризмот.
„Можеме да кажеме дека сме посветени да ставиме крај на терористите како резултат на нашата соработка со регионалната администрација и Багдад“, додаде тој.
Ирачките безбедносни сили започнаа на 1 декември да го спроведуваат планот за распоредување во центарот на областа Синџар, во ирачката покраина Нинива, за да се подобрат стабилноста и безбедноста во областа и да им се овозможи на раселените локални жители да се вратат дома.
Договорот од Синџар, потпишан под покровителство на Обединетите нации (ОН), за статусот на регионот, се обидува да го исчисти регионот од терористите на ПКК.
Терористичката организација ПКК успеа да воспостави база во Синџар во 2014 година под изговор дека ќе ја заштити заедницата на Езидите од терористите на ДЕАШ.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и во САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.