Ömer Ertuğrul
23 Мај 2018•Ажурирај: 24 Мај 2018
ЈОЗГАТ (АА) - Заменик-премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека претседателските и парламентарните избори на 24 јуни ќе бидат нов ден и почеток на нова ера за оваа земја и за нејзиниот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на работната посета на турскиот град Јозгат, Боздаг се обрати на новинарите и го коментираше растот на вредноста на американскиот долар.
„Оние кои го прават тоа ќе се обидат уште многу работи како што ќе се приближуваат изборите. Сите сведочиме на игрите кои се сервираат преку доларот, а со кои сакаат да влијаат на гласачите и да предизвикаат пораз на актуелната Влада“, изјави Боздаг.
Нагласувајќи дека турската економија е стабилна и доволно силна да ги надмине сите тие игри, Боздаг изјави дека од 2014 година Турција одржала избори четири пати, имала обид за воен удар, референдум и водела борба против терористичките организации ДЕАШ, ПКК и ФЕТО, а воедно извршила и успешни воени операции во Сирија и згрижила милиони бегалци.
„Сите сведочевме на предизвиците со кои Турција се соочи во изминатите неколку години. И покрај сите тие предизвици, турската економија и понатаму е цврсто на нозе“, изјави Боздаг.
Обвинувајќи ги меѓународните агенции дека субјективно го соборуваат кредитниот рејтинг на Турција за да предизвикаат проблеми на турската економија, Боздаг изјави дека таа ќе го продолжи својот раст, без оглед на оценките на тие агенции.
„Од една страна имаме напади, а од друга страна спроведуваме тендери и реализираме мегапроекти во Турција. Тоа го покажува нашиот потенцијал. Се лажат ако мислат дека можат со игри со доларот да му наштетат на нашиот народ и да влијаат врз изборниот резултат. Народот ја сфати таа игра, се гледа кои играчи се тука. Народот гледа кои се марионети, а кои раководат со него. Никој нема да им даде можност да успеат во намерите“, порача Боздаг.