Mustafa Çalkaya,Ali Atar
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денеска започна Меѓународниот саем на одбранбена индустрија (IDEF), кој спаѓа во редот на најголемите средби на претставниците на воениот и безбедносниот сектор во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот саем на одбранбена индустрија по 14. пат се одржува во Центарот ТУЈАП во Истанбул, а на свеченото отворање присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, турскиот потпретседател Фуат Октај, министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, министерот за одбрана, Хулуси Акар, турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк и голем број други турски странски претставници и гости.
Саемот, кој ќе трае до 3 мај, се одржува под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател, а посетителите ќе можат да ги видат најсовремените генерации на борбени оклопни возила, беспилотни летала, ракети и други производи на воената индустрија.
На саемот учествуваат 1.061 компанија и тоа 576 странски и 485 турски. На саемот ќе учествуваат 150 делегации од 68 држави. Меѓу 550 странски гости се 68 високи државни официјални претставници.
За време на саемот ќе се одржат 4.420 состаноци и 70 церемонии на потпишување договори за соработка.
Меѓународниот саем на одбранбената индустрија е еден од четирите најголеми светски саеми на воената индустрија и секоја година на овој саем се изложени најновите производи на турската одбранбена индустрија.