Merve Yıldızalp
08 Февруари 2016•Ажурирај: 10 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Ахмет Давутоглу рече дека никој нема право да каже дека Турција, секако, ќе ги прима сириските бегалци ниту да очекува Турција да го преземе врз себе сиот товар на бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Давутоглу во Анкара денеска се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, која ја предводи германската делегација во официјална посета на Турција, при што беше одржана заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека честите средби на високи претставници на двете земји во последните месеци е индикација за интензивирање на односите и зајакнување на пријателството помеѓу Турција и Германија, Давутоглу рече дека во текот на овие состаноци се дискутирало за интензивирање на билатералните односи, но исто така и за сириската и бегалската криза, од која најмногу се погодени Турција и Германија.
Тој изрази загриженост поради жестоките напади на руските воздухопловни сили и силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад дека кои го затворија коридорот Алепо - Турција и ја спречуваат испораката на хуманитарна помош за цивилите изложени на масовни страдања, додека во Женева се иницираше процесот за мировни преговори за прекин на војната во Сирија.
„Силите на сирискиот режим и Русија се обидуваат да го стават под опсада Алепо и ние се соочуваме со нова хуманитарна катастрофа на милиони луѓе во и околу Алепо. Сето ова е показател колку Русија и другите сојузници на режимот се неискрени и далеку од идејата за мир. На теренот, ситуацијата се менува секој момент. Турско-германските консултации што редовно ги водиме, се од големо значење за зајакнување на нашата соработка, предупредување на меѓународната заедница и преземањето на нашата хуманитарна одговорност кон бегалците”, порача Давутоглу.
Истакнувајќи дека Турција прави сè за да му помогне на сирискиот народ, Давутоглу рече дека никој нема право да ги толерира руските воздушни напади кои би можеле да претставуваат вистинско етничко чистење и да очекува од Турција самата да се справи со бегалската криза.
Тој ѝ се заблагодари на канцеларката Меркел што постојано укажува на фактот дека бегалската криза не е само проблем на Турција, туку проблем на Европа и целиот свет.
Давутоглу додаде дека делегациите на Турција и Германија денеска постигнаа договор за заедничко делување за десет важни теми, од кои повеќето се претходно договорени во платформата на Акциониот план помеѓу Турција и ЕУ.
„Ние се согласивме за започнување на дипломатски иницијативи за итно започнување на почитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН во регионот на Алепо, паралелно со продолжување на мировните преговори да се стави крај на нападите на теренот и да престанат операциите против цивили. Прашањето за нападите врз цивили извршени од страна на Русија и другите сили ќе го започнеме на дипломатските инстанци на ОН и другите меѓународни актери. Нехуманите напади врз Алепо итно треба да завршат и тоа треба да ни биде заедничка цел на сите нас”, рече Давутоглу.
Осврнувајќи се на прашањето на трговијата со луѓе, Давутоглу рече дека Турција секогаш сметала дека ова е едно од најсериозните злосторства, еднакво на тероризмот.
Укажувајќи на тоа дека некои криминални кругови на бегалците им продаваат неисправни чамци и елеци за спасување, Давутоглу рече дека никому нема да му биде дозволено да ја злоупотребува трагедијата на луѓето и врз тоа да гради сектор за приходи и најави дека турските безбедносни сили ќе ги интензивираат контролите долж сите мигрантски правци.
„Неоходно е заедно да работиме сè додека во Сирија не се воспостави мир и не се елиминираат варварските напади врз сирискиот народ кои се причина за бегалската криза. Турција и Германија заеднички ќе работат за подобрување на условите во бегалските кампови и создавање на услови тие бегалци да се вратат во своите домови”, заклучи Давутоглу.
Делегациите на двете земји разговараа и за настаните на Балканот, Кавказ, Азија и други региони, а Турција побара поддршка од Германија во процесот на отворање нови поглавја во преговорите за пристапување кон Европската унија.