Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Sena Güler
01 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, предупреди на неконтролираната дигитализација во своето обраќање на церемонијата за отворање на четвртиот „TRT World Forum“, кој оваа година се одржува онлајн поради пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дигитализацијата, со којашто се прошири полето на слободите, не треба да доведе до нови нееднаквости, неправди и маргинализација“, изјави Ердоган во воведното обраќање.
Нагласи дека Турција, во таа смисла, секогаш ќе ги штити правата на своите граѓани.
„Ако (социјалните мрежи) доброволно не ги поддржуваат нашите добронамерни напори, Турција ќе продолжи, во сите околности, да ги штити правата на своите граѓани“, додаде Ердоган.
„Ако се гледа како област без контрола, отворена за самоволие и надвор од рамките на законот, дигитализацијата ќе нè однесе директно кон фашизам“, предупреди Ердоган.
Истакна дека пандемијата на коронавирусот има значително влијание врз сите сфери на животот во светот.
„Заради пандемијата принудени сме да направиме радикални промени во нашите билатерални односи, економијата, начините на купување и многу други подрачја. Гледаме дека овој бран на промени ги погоди и медиумите, политиката и меѓународните односи“, рече турскиот претседател.
Додаде дека припадниците на сепаратистичката терористичка организација ПКК, кои убија стотици илјади цивили во Сирија, ги красат насловните страници на таканаречените западни списанија.
„Исто така, оние кои нам ни држеа лекции за слободата на медиумите, намерно игнорираа некои случувања во различни земји во Европа. Гледаме дека сличен двоен стандард се повторува кога станува збор за практиката на израелските безбедносни сили кои вршат државен терор врз Палестинците. Палестинските деца убивани на сред улица не се вреди да се споменат во тие независни медиуми“, рече Ердоган.
Во врска со неодамна предложениот француски закон за безбедност, критикуван за кршење на слободата на медиумите и за попречување на напорите за запирање на полициската бруталност, Ердоган го критикуваше предлог-законот, додавајќи: „Меѓународните медиуми молчеа пред блокадата на Франција врз медиумите.“
Владејачката партија на Франција вчера го повлече предложениот закон, велејќи дека спорните делови ќе се преработат.
„Многу е срамно за медиумите да го носат бајракот на исламофобијата и ксенофобијата“, рече Ердоган, мислејќи на критикуваните карикатури на божјиот пратеник Мухамед објавени од француски магазин.
„Ако не се запрат неучтивите ставови под плаштот на слободата на медиумите, ќе страдаат и Европа и целото човештво“, додаде тој.
На крајот нагласи дека во време кога меѓународните медиуми стануваат монотони, TRT World го претставува гласот на правдата против неправдата.
Инаку, овогодишниот „TRT World Forum“ во организација на државниот сервис „ТРТ на англиски јазик“, се одржува под темата „Поместување на динамиката: Меѓународниот поредок во светот по пандемијата“.
Истакнувајќи дека на дводневниот онлајн форум ќе се одржат сесии на теми од полето на дигитализацијата до технологијата, трговијата во Сирија и Јемен до судирите во Нагорно Карабах, Ердоган му посака успех на Форумот.