Burak Bir
29 Октомври 2020•Ажурирај: 30 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на одбележувањето на 97-годишнината од Денот на Републиката изјави дека историското наследство е најголемата сила на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата најголема сила е нашето историско наследство. Без зачувување на ова наследство, не може да се разбере ниту 15 јули [осуетениот обид за државен удар], ниту вредноста на нашата Република“, рече Ердоган на отворањето на изложбата за Националната борба во Народната библиотека во главниот град Анкара.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, изведоа неуспешен обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа скоро 2.200. ФЕТО се товари и за инфилтритање на свои припадници во државните институции во Турција.
„Нашите искуства од минатото покажуваат дека потрагата по независна турска нација нема да престане сè додека не бидат заштитени татковината, знамето и езанот [повикот за молитва]“, порача Ердоган.
Пред свеченото отворање на изложбата, Ердоган го посети „Аниткабир“, мавзолејот на основачот на турската република Мустафа Кемал Ататурк, а потоа имаше прием во Претседателскиот комплекс по повод Денот на Републиката.
На 29 октомври 1923 година, тогашниот командант во Војната за независност, Ататурк, официјално ја прогласи Турција како република и беше избран за нејзин прв претседател.