Yıldız Aktaş
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Во денешното обраќање во Анкара, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган порача дека денес неговата земја води најголема борба уште од периодот на ослободувачката борба за независност, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес во Анкара имаше обраќање во Народниот културен и конгресен центар во Анкара, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања.
Тој изрази сочувство до семејствата на 16-те турски војници кои вчера загинаа во регионот на сирискиот град Ал Баб, во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“.
„Нашата борба не е обична борба. Изгубивме 16 наши војници, а таму се неутрализирани околу 200 припадници на ДЕАШ. Не можевме само да стоиме пред оние што постојано претставуваат опасност за нашата земја. Поради тоа работиме на сѐ што е потребно“, изјави Ердоган.
Тој рече дека кога Турција би одлучила да запре во овој критичен период во обидот за преструктурирање на светот и регионот, би се пронашла во условите на Севр (Договорот од Севр).
„Ние сме народ што живее со тага поради загубата во Лозана. Треба да се зборува отворено. Турција води најголема борба од Војната за независнот. Тоа е борба за народот, знамето, татковина и државата“, изјави претседателот на Турција.
Осврнувајќи се и на терористичките напади, Ердоган порача дека „терористичките организации во сето тоа се само пиони“.
„Нашата вистинска борба е онаа против силите што стојат во заднина. Тие сили ставаат акцент таму каде што мислат дека би можела да биде нашата слаба точка“, изјави Ердоган.
„Ситуацијата во која моментално се наоѓаме е потполно различна. Како држава и народ, соочени сме со обврската да го обезбедиме нашето опстојување, иднина и слобода. Поради тоа, сите 79 милиони жители на нашата земја мора да ја остават различноста на страна, и единствено и заеднички да се борат за својата иднина“, истакна претседателот Ердоган.