Tuğrul Çam
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека од денес, 7 август, започнува безвизниот режим при патувања меѓу Турција и Русија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на турското МНР се наведува дека воведениот безвизен режим важи на база на реципроцитет за официјалните државни лица, носители на службени патни исправи и возачи во меѓународниот превоз. Исто така, безвизниот режим се однесува и на Турците кои поседуваат специјални патни исправи.
„Договорот за безвизен режим е потпишан на 12 мај 2010 година, а делумно стапува во сила на 7 август 2019 година. Очекуваме сите одредби од договорот во потполност да се применат“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Во соопштението се наведува дека и руските државјани кои имаат службени патни исправи ќе можат безвизно да патуваат во Турција, а врз база на реципроцитет, истото важи и за возачите од меѓународниот транспорт.
„Потегот на Русија кој овозможува безвизно патување за турските државјани е резултат на добрите односи и дијалог“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, поздравувајќи ја одлуката на Русија.
Русија го суспендираше безвизниот режим кон крајот на 2015 година поради тензиите до кои дојде по соборувањето на рускиот авион во близина на турско-сириската граница.
Во јули оваа година претседателот на Русија, Владимир Путин, му наложи на руското МНР да ги извести турските власти за делумното враќање на безвизниот режим.