Satuk Buğra Kutlugün
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Топлотниот бран што ги зафати западните и јужните крајбрежни делови на Турција ја донесе сезоната на шумски пожари кои противпожарните единици веќе неколку дена се обидуваат да ги стават под контрола, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголемиот шумски пожар пред три дена го зафати подрачјето на Мендерес во турската област Измир, а против огнената стихија се борат стотици пожарникари со помош на 11 противпожарни хеликоптери и четири канадери.
Пожарите уништија околу 800 хектари шумски појас, а од Противпожарната служба на Измир јавуваат дека пожарот утринава е ставен под контрола и дека противпожарните тимови се и понатаму на терен.
Во текот на акциите за гасење на пожарите во неделата, во езеро кај Измир се урна хеликоптер за гасење пожари, при што повредени беа 5 лица.
Уште еден активен пожар избувна во подрачјето на Чанаккале, исто така, на брегот на Егејското Море, каде што изгореа околу 30 хектари шума.
"Противпожарните единици и другите служби работат на отворање на патиштата за пристап до пожарите, а канадерите веќе се вклучени во гаснењето на огнот", изјави за АА шефот на противпожарната служба во Чанаккале, Рефик Улсој.
И на медитеранското турско крајбрежје активни се неколку пожари, меѓу кои најголеми се пожарите во Мерсин и во Антакија.
Пожарот веќе уништи околу 150 хектари борова шума во подрачјето на Анамур во областа Мерсин. Голем број противпожарни единици се на теренот и работат на сузбивање на огнената стихија.
Слична е ситуацијата и во подрачјето на Каш во Антакија, но противпожарните екипи јавуваат дека успеале тој пожар да го стават под контрола.