Rauf Maltaş
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ШАНЛИУРФА (АА) - Шукрије Озбај, 107-годишна Турчинка од Шанлиурфа, и покрај доцните години, денес дојде на гласачкото место во тој град и го искористи своето право да гласа на локалните избори кои се одржуваат во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Озбај на гласачкото место дојде во придружба на нејзината 80-годишна ќерка Емине Озбај.
По гласањето, 107-годишната Озбај за новинарите кратко изјави дека атмосферата на изборниот ден е преубава и посака многу среќа на сите кандидати.
„Иако имам многу години, му благодарам на Бога, здрава сум. Се надевам дека овие избори на сите ќе им донесат среќа. Мило ми е што гласав“, изјави Озбај.
Таа истакна дека гласала на сите избори од својата 18-годишна возраст.
Се смета дека Озбај е една од ретките лица кои учествувале на сите избори во Турција.
Вкупно 12 политички партии учествуваат на изборите на кои граѓаните денес бираат локална власт за мандат од пет години. На изборите учевствуваат вкупно 73 независни кандидати за началничка функција, а право на глас имаат 57 милиони граѓани. Турција ја сочинуваат вкупно 81 област, меѓу кои 30 метрополи, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара.
Во 30 големи градови на Турција регистрирани се 44.212.704 гласачи кои денес ќе гласаат на 142.777 гласачки места. Во преостанатите 51 град се регистрирани 12.837.077 гласачи кои ќе гласаат на 51.851 гласачко место.
Гласачите во Турција бираат градоначалници во големите градови, началници на општини и градски или покраински и општински совети. Гласачите ќе бираат и најниски инстанци на локалните власти во Турција, односно старешини или мухтари и совети на повозрасни лица.