Ali Murat Alhas
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Дури и по четири децении, крвавиот пуч на 12 септември 1980 година сè уште стои како црна дамка во турската политичка историја, пишува Агенција Анадолија (АА).
Се памети како државен удар што доведе до притворање на стотици илјади лица, мноштво судења, тортури и егзекуции.
Пред 40 години, началникот на Генералштабот, Кенан Еврен, кој го предводеше воениот удар, се појави на телевизија и прогласи воена интервенција, официјално потврдувајќи го пучот што ќе има драстично влијание врз земјата во следните години.
Пучистите ја презедоа контролата врз земјата рано утрото на 12 септември, по интервенцијата на Вооружените сили со Советот за национална безбедност, заедно со командантите на копнените, воздушните и поморските сили, и командантот на силите на жандармеријата.
Пучот ѝ нанесе тежок удар на турската демократија, бидејќи пучистите го поништија Уставот, го распуштија Парламентот, објавија воена состојба и ги затворија политичките партии, а лидерите ги протераа.
Поради тортура, малтретирање и нехумани услови во затворите починаа 299 лица. Тоа сè уште ја прогонува совеста на турската нација.
Преживеаните сведочеа дека минувале низ физичка, ментална и духовна тортура со години.
Над 650.000 лица беа приведени, а на 230.000 им се судеше од главно политички причини. Погубени беа вкупно 50 лица.
Првите егзекуции беа извршени на 9 октомври 1980 година.
Неџдет Адали и Мустафа Пехливаноглу поради спротивставена идеологија беа погубени.
Меѓу погубените беше и Ердал Ерен кој имаше 17 години.
До денес, Еврен е остро критикуван во врска со егзекуцијата на Ерен. „Зар да не ги бесиме, да ги храниме?“, велеше Еврен.
Судот ја смени возраста на Ерен со цел погубувањето да може да се изврши.
На 14.000 лица им беше одземено државјанството, а 30.000 беа отпуштени од работните места, вклучувајќи 4.000 наставници и факултетски професори. Културата и уметноста исто така доживеаја удар бидејќи над 1.000 филмови беа забранети.
Новиот Устав, направен од Советот за национална безбедност, доби 98 отсто од гласовите на референдумот одржан во 1982 година, оставајќи многумина во сомнение за веродостојноста на резултатите, бидејќи воената хунта имаше целосна контрола над сите организации.
Извршителите на пучот го додадоа 15-от привремен член во Уставот, според кој можеа слободно да живеат без ризик да бидат судски гонети. Но, турската демократија им удри шлаканица на пучистите со новиот референдум одржан на 12 септември 2010 година, и го укина членот со што го отвори патот за нивно судско гонење.
Високите турски обвинители во Анкара започнаа кривична истрага за Еврен и за поранешниот шеф на Воздухопловните сили, Тахсин Шахинкаја. Нивните судења беа први во историјата на Турција за судско гонење на пучисти.
Тие беа обвинети за делумно менување или целосно елиминирање на уставниот поредок на Републиката и за подривање на Парламентот.
Ниту еден од нив физички не присуствуваше на судењата поради здравствени причини, а потоа и ги отфрлија обвиненијата.
Судот ги осуди на затвор, а на поранешните високи команданти им беа одземени воените одлики.
Еврен и Шахинкаја починаа во 2015 година - Еврен на 98-годишна возраст, а Шахинкаја на 90 години.