Ayşe Yıldız
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
АНТАЛИЈА (АА)
- Ајше ЈИЛДИЗ
Секторот за организирање венчавки во Анталија, кој доби голема побарувачка по епидемијата, има за цел да го собори рекордот во бројот на индиски свадби кои траат 3 дена и 3 ноќи и кои се високобуџетни.
Анталија поради своите природни и историски убавини е еден од најомилените региони за одмор. Исто така е домаќин на голем број индиски свадби со своите квалитетни услуги и луксузни објекти.
Високобуџетните венчавки се одржуваат во луксузни хотели во различни делови на градот и траат 3 дена и 3 ноќи. На венчавките присуствуваат илјадници гости. На сцената се појавуваат познати уметници, а исто така се носат и готвачи од странство.
Мустафа Онат, менаџер на „Инвентун глобал“, кој организира индиски свадби, за дописникот на АА истакна дека во Анталија на свадби не доаѓаат само Индијци од Индија, туку и Индијци кои живеат во различни земји како што се Уганда и Чиле.
Посочувајќи дека индиските венчавки се со среден и многу висок буџет, Онат рече: „Има и такви кои ќе изнајмат авион од Австралија за свадбата и доаѓаат во Анталија. Има кои доаѓаат и од Америка и Англија.“
Истакнувајќи дека оваа година организирале 16 индиски свадби, рече дека свадбите покрај во Анталија, ги организираат и во градот Мугла.
Наведувајќи дека по епидемијата се соочиле со голема побарувачка, Онат рече:
„Очекувавме најмногу свадби да има во 2023 година, но побарувачката започна од оваа година. Ќе надминеме 30 свадби во 2022 година. Ова е рекорд за нашата земја. Планираме да одржиме најмалку 50 свадби во 2023 година. Во светот Индијците за свадби трошат 40 милијарди долари. Ние немаме доволен удел. Нашата земја има силна инфраструктура. Ако се овозможат визни олеснувања, без проблеми можеме да бидеме домаќини на 400-500 индиски свадби годишно. Индиската свадба е навистина алтернативен пазар во туризмот. Индијците повеќе сакаат културен туризам, патување и пазарење отколку море или песок.“
- „Во светот се организираат 10.000 свадби“
Неџип Фуат Ерсој, партнер на Форумот за свадбен туризам, потсетувајќи дека 2019 година била рекордна и организирале 20 свадби, рече дека оваа сезона започнала добро.
Зборувајќи дека по епидемијата побарувачката започнала многу рано, Ерсој рече: „Нашето предвидување беше за 2023 година, но започна побргу, тоа беше изненадување за нас. Продолживме да го шириме нашиот тим во периодот на епидемијата. Откако ја видовме побарувачката, јасно ни беше дека сме донеле вистинска одлука со проширување на тимот. Се работи за високобуџетни свадби од милион долари.“
Истакнувајќи дека гостите кои доаѓаат на свадбата престојуваат во луксузни објекти, Ерсој рече дека опремата за озвучување и декорот исто така се изнајмува тука.
Додавајќи дека економската додадена вредност на индиските венчавки е висока, Ерсој рече: „Индиските свадби се причина за развој на многу сектори. Според една студија, лицето кое доаѓа на свадба троши 35 пати повеќе од обичен турист, бидејќи неговата куповна моќ е висока. Во Индија секој ден се организираат илјадници свадби, а 10.000 свадби се организираат во светот.“