Nilay Kar
26 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турска хуманитарна организација има за цел да изгради вкупно 2.000 домови како дел од станбениот проект наменет за араканските муслимани (Рохинџа), јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сме тука (во Бангладеш) поради араканските муслимани, за нашите браќа кои се најпрогонуваниот народ во светот“, изјави Мехмет Џенгиз, челникот на Здружението „Дениз Фенери“.
Според податоците на ОН, од 25 август досега, околу 650.000 Рохинџа муслимани преминале од западната мјанмарска држава Аракан во Бангладеш.
Араканските муслимани бегаат од воените операции на безбедносните сили потпомогнати од будистичките ектремисти, во кои се убивани мажи, жени и деца, и се ограбуваат и палат селата на Рохинџа муслиманите.
Џенгиз, заедно со заменик-шефот на здружението, Туран Јалчин, и координаторот за меѓународни односи, Јавуз Инан, претстојуваат во Кокс Базар, Бангладеш, со цел да го проверат тековниот развој на проектот за сместување на бегалците.
„Ние направивме проект со 1.000 домови за нашите браќа“, рече Џенгиз, осврнувајќи се на тековниот градежен проект.
Заблагодарувајќи им се на донаторите за поддршката, челникот на здружението истакна: „Во првата фаза ќе сместиме 1.000 семејства во 1.000 домови. Нашата цел е да изградиме 2.000 домови“.
Во меѓувреме, Инан истакна дека здружението ќе продолжи да им помага на араканските муслимани кои се наоѓаат во камповите во Кокс Базар и Кутупалонг, сé додека кризата не заврши.
Организацијата „Лекари без граници“ објави извештај во кој се наведува дека најмалку 9.000 аракански муслимани се убиени во мјанмарската држава Аракан во периодот од 25 август до 24 септември.
Во извештајот објавен на 12 декември, глобалната хуманитарна организација истакнува дека смртта на 71,7 отсто или 6.700 аракански муслимани е предизвикана од насилство. Меѓу убиените има 730 деца на возраст под 5 години.
Обединетите наци документираа масовни силувања, убиства, вклучувајќи и убиства на бебиња и мали деца, како и брутални измачувања извршени од страна на припадниците на безбедносните сили. Во извештајот, истражителите на ОН рекоа дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.
Турција се наоѓа на врвот во обезбедувањето помош на араканските муслимани (Рохинџа), а прашањето за оваа популација во ОН го покрена турскиот претседател Ердоган.