Ali Murat Alhas
15 Август 2020•Ажурирај: 16 Август 2020
АНКАРА (АА) - Турската владејачка партија го критикуваше договорот меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел за нормализирање на односите окарактеризувајќи го како политичко самоубиство против палестинската кауза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е, исто така, обид да се искорени дводржавното решение меѓу Израел и Палестина, предложено од меѓународната заедница, напиша на Твитер Омер Челик, портпаролот на Партијата на правдата и развојот (АК Parti).
„Ставањето на „нормализацијата“ на агендата без да се земе предвид агресијата на Израел во Источен Ерусалим и окупираниот Западен Брег, и да се спомене палестинската држава со Источен Ерусалим како нејзин главен град значи прифаќање на израелската агресија“, истакна Челик.
Тој додаде дека потегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) треба да се разгледа паалелно и со нивните политики во Јемен и Либија, обвинувајќи ги Емиратите за засадување на семето на омразата во заедниците на Блискиот Исток.
Тој понатаму истакна дека Турција секогаш ќе биде покрај братските Палестинци, во согласност со правичниот и решителен политички став на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
- Договорот помеѓу Израел и ОАЕ -
Договорот за нормализирање на односите помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел го објави американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот.
Во заедничкото соопштение на САД, Обединетите Арапски Емирати и Израел се вели дека договорот ќе придонесе кон „мирот во регионот на Блискиот Исток и е сведоштво на смелата дипломатија и визија на тројцата лидери“, однесувајќи се на Трамп, престолонаследникот на Абу Даби, Мухамед бин Зајед ал-Нахјан, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Палестинските групи го осудија договорот, велејќи дека не придонесува ништо кон палестинската кауза и ги игнорира правата на палестинскиот народ. Мировниот договор на Обединетите Арапски Емирати со Израел е „предавничко забодување нож во грбот на палестинскиот народ“, се вели во соопштението на Хамас.
Турција истакна дека договорот е целосно невалиден и дека ОАЕ ја игнорираат волјата на Палестинците.
Во соопштението на турското Министерството за надворешни работи беше истакнато: „Додека тежнее кон своите ограничено дефинирани интереси, ОАЕ се обидуваат да го претстават своето предавство на палестинската кауза како чин на алтруизам. Историјата и совеста на луѓето во регионот никогаш нема да го заборават или простат овој лицемерен потег.“