АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција е посветена на реформската агенда и нагласи дека Турција иднината ја гледа во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во палатата „Чанкаја“ во Анкара се состана со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ).
Во своето обраќање Чавушоглу потсети дека минатата недела остварил средба и со амбасадорите на земјите членки на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН), и истакна дека овие средби со амбасадори на различни земји ја одразуваат надворешната политика на Турција, која има широк агол на гледање од 360 степени.
Истакнувајќи дека 2020 година ќе остане запаметена како историска година, Чавушоглу рече дека во исто време заедно со епидемијата на коронавирусот се случиле многу работи.
Потсети дека во овој процес имало и такви што истакнале дека глобализацијата е завршена, и рече дека од друга страна се забележува продлабочување на глобализацијата.
Осврнувајќи се на односите на Турција со Европската Унија (ЕУ), турскиот министер истакна дека на Самитот на ЕУ во октомври отворено се употребувал заканувачки говор кон Турција.
„Ние реагиравме на тоа. Ако повторно се случи, ќе реагираме пак“, рече Чавушоглу.
Тој наведе дека помеѓу октомври и декември се покажало дека заканувачкиот говор и зголемувањето на напнатоста немаат корист за никого, и потсети дека веќе на Самитот во декември ЕУ користела поразумен јазик.
Истакнувајќи дека во декларацијата на Самитот имало работи што Турција не ги одобрува, Чавушоглу рече: „Но, видовме дека голем број земји на ЕУ се свесни за важноста на Турција и дека постапуваат со здрав разум. На таа рака што ни беше испружена нам, ние одговоривме позитивно. Претседателот (Реџеп Таип Ердоган) самиот најави нов почеток во односите со ЕУ. Кажавме дека нашата иднина ја гледаме во Европа и неа сакаме да ја градиме заедно.“
Чавушоглу рече дека Турција ја нагласила решеноста за реформи и дека со одлуките на Самитот на ЕУ во декември е отворен прозорец на можности, и дека во тоа треба да веруваат ЕУ и нејзините земји членки.
Тој истакна дека Турција дала датум за прелиминарни разговори со Грција и дека разговорите ќе се одржат овој месец во Истанбул.
„Исто така се согласуваме подоцна да се сретнеме со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас. Ќе го одредиме и датумот подоцна“, нагласи Чавушоглу.
Наведувајќи дека работат на мапата на патот со Франција, Чавушоглу додаде:
„Почнуваме консултации за регионалните, билатералните, конзуларните и безбедносните прашања на ниво на генерални директори и директори, но оваа мапа на патот не ги опфаќа само консултациите меѓу двете земји. Нашите пријатели сè уште работат на оваа мапа на патот за прво да се нормализираат односите, а потоа да се развиваат.“
Чавушоглу, нагласувајќи ја агендата за реформи во Турција, истакна: „Нашата основна должност е да ги заштитиме правата на нашиот народ во сите области, да работиме за нивниот просперитет и за нивното добро и да ја заштитиме рамнотежата помеѓу слободата и безбедноста со оглед на реалностите на нашата земја. Ние сме одлучни за реформската агенда. ЕУ треба да нè поддржи.“
„Турција е Европа и Европа е дел од нашата судбина. Ова е точно и во однос на Европа“, нагласи министерот Чавушоглу.
news_share_descriptionsubscription_contact
