Fatjon Prronı
05 Март 2016•Ажурирај: 05 Март 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер допатува во официјална посета на Техеран во текот на која ќе се стави фокус на регионалните прашања како и на зајакнувањето на билатералните трговски врски по подигањето на интернационалните санкции на Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата одржана на интернационалниот аеродром Есенбога во Анкара, пред неговото заминување, турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека врските помеѓу Турција и Иран се клучни за регионот, особено откако Блискиот Исток минува низ многу тешки времиња.
Давутоглу рече дека Сирија и Ирак ќе бидат во фокусот на неговата посета, и покрај фактот што Анкара и Техеран гледаат на случувањата во регионот од различен агол.
Давутоглу во Техеран беше пречекан од страна на првиот вице-претседател на Иран, Исхак Џихангири, а на официјалната церемонија во резиденцијата Садабад беа изведени химните на двете држави.
На приемната церемонија присуствуваше и делегацијата од Турција претставена од министерот за економија на Турција, Мустафа Eлиташ, министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, министерот за трговија и царина, Булент Туфенкџи, министерот за развој Џевдет Јилмаз, министерот за транспорт, поморство и комуникации, Бинали Јилдирим, генералниот секретар на АК партијата, Абдулхамид Ѓул и заменикот-претседател на партијата АК, Булент Туран.
Ова е прва посета на Давутоглу на Иран како премиер но и прва посета на турски премиер на Иран во последните две години.
Посетата се случува месец и половина откако САД и ЕУ објавија подигнување на интернационалните санкции на Иран како резултат на декларацијата на Инетнационалната агенција за атомска енергија дека земјата работи во согласност со обврските поврзани за нуклеарниот договор склучен минатото лето.
Давутоглу пред заминувањето за Иран рече дека Турција и Иран имаат „трговска размена од околу 10 милијарди долари, нашата цел е да се зголеми на 30 милијарди долари”.
Тој го нагласи потенцијалот за понатамошна соработка помеѓу двете земји, посебно бидејќи Иран важи за важен производител на енергија а Турција е позиционирана како главна енергетска транзитна линија.
Давутоглу изјави дека Турција е задоволна од нуклеарниот договор потпишан помеѓу Иран и групата светски сили.
„Интеграцијата на Иран на светскиот пазар нуди нови можности, пред сè за Турција, која има голем производствен капацитет”, додаде тој.
Турција и Иран делат заедничка граница во должина од 650 километри, која не се има променето три векови, рече Давитоглу.
Тој истакна дека и двете земји сакаат пријателски и соседски односи поради длабоко вкоренатите историски врски.
На приемната церемонија присуствуваа и иранскиот министер за надворешни работи Џавид Зариф и министерот за нафта на Иран Биџен Зенгене.
По средбата на двете делегации во резиденцијата се очекува заедничка прес-конференција.